Судска медицина потврди: Тамара починала од бронхопневмонија

24.02.2015 13:35

Според информациите, во извештајот е наведено дека директна причина за смртта на малата Тамара е бронхопневмонија...

Извештајот од извршената обдукција на телото на починатата Тамара Димовска од Велес синоќа бил доставен до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по службено барање од инспекторатот.

Според информациите, во извештајот е наведено дека директна причина за смртта на малата Тамара е бронхопневмонија.

Докторите објаснуваат дека кога бронхопневмонијата не се третира, може да доведе до смртен исход. Извештајот од обдукцијата покажал дека причината за смртта не е искривувањето на ’рбетот или неизвршената хируршка интервенција.

Во извештајот од обдукцијата се наведени и неколку детали поврзани со редок синдром кој не бил претходно дијагностициран, и истите ќе бидат предмет на натамошната истрага во основното јавно обвинителство.

Во меѓувреме директорката на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнарџиева-Змејкова си поднесе оставка, од како што вели морални и човечки причини.