„Гентерм“ ќе ги потпише договорите за инвестицијата во Македонија

24.02.2015 14:04

Според проекциите, компанијата идниот месец треба да почне со изградба на производствен капацитет на површина од 6.400 метри квадратни...

Премиерот Никола Груевски денеска ќе се сретне со директорот на американската компанија „Гентерм“ за Европа Јорг Еверс.
 
Како што соопшти владината прес-служба, по средбата ќе бидат потпишани договорите за реализација на инвестицијата во технолошко-индустриската развојна зона Прилеп што „Гентерм“ ја најави во декември мината година.
 
Според проекциите, компанијата идниот месец треба да почне со изградба на производствен капацитет на површина од 6.400 метри квадратни. Фабриката, во која ќе се произведуваат греачи за седишта, греачи и системи за ладење за волани, би стартувала со работа во четвртиот квартал годинава. Во првите три години се предвидени илјада вработувања. 
 
Глобалната американска компанија „Гентерм“ има производствени капацитети на неколку континенти, но главното производство е во Украина, од каде ќе се  диверзифицира производството во Македонија.
 
Првичните контакти со „Гентерм“ се направени пред четири години, но тогаш компанијата немала конкретни планови за инвестиции. Повторно е воспоставена комуникација пред шест месеци кога Македонија веќе била влезена во анализите на фирмата.  
 
На денешната средба во Владата, покрај премиерот Груевски ќе присуствуваат и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо, како и Алек Никовски, советник за странски инвестиции во Кабинетот на премиерот.