Грипот сеуште коси
Според податоците- февруари е месецот во кој се забележани најголем број на заболени од некакво респираторно заболување во Македонија...

Грипот продолжува да коси. Во изминатите две недели се препишани речиси 1.000 дози од лекот „Тамифлу“. Според податоците- февруари е месецот во кој се забележани најголем број на заболени од некакво респираторно заболување во Македонија.
Грипот продолжува да ги празни и училиштата и градинките. Загрижувачка е состојбата на ученици заболени од грип во основното училиште „Кирил и Методиј“ во Центар-велат наставниците.
Во секоја паралелка отсуствуваат до 4 ученици, а во една дури 14. Сепак, во споредба со минатата недела, намален е бројот на ученици кои што боледуваат од било какво респираторно заболување.
Ризичните групи на пациенти се старите, бремените жени, децата и хронично болните. Лекарите потсетуваат на познатите препораки- да се одржува личната хигиена и да се внесуваат течности.
Доколку почувствуваат изнемоштеност, главоболка, имаат покачена температура, да се јават кај својот матичен лекар и да не земаат терапија на своја рака. Во однос на возрасните групи, најголем број од заболените се на возраст од 15-64 години.
„Викендов само имавме 3.700 здравствени услуги реализирани преку пунктовите. Навистина е зголемен бројот. И Итната помош одговори на поголем број интервенции од вообичаеното. Доминира респираторната симптоматологија“, вели Тања Баевска-Вучковиќ, директор на Здравствен дом- Скопје.
Минатата недела во држава се пријавени нешто над 2.000 нови случаи. Вкупниот број заболени од грип сезонава изнесува 10.545. Според податоците на институтот за јавно здравје најмногу- во Тетово, Скопје, Куманово, Прилеп.
Годинава на државно ниво, сепак се бележи намалување од речиси 50 проценти во споредба со минатата година.
Александра Перевска
