Состанок на ПСЈИЕ во Тирана: Економскиот развој во фокус на шефовите на дипломатиите од регионот
На состанокот македонскиот шеф на дипломатијата ги презентира ставовите на земјава за унапредување на регионалната соработка и модернизација на инфраструктурата што би поттикнало и зголемен економски развој меѓу државите...

Тирана денеска ја обедини Југоисточна Европа. 13 шефови на дипломатии присуствуваа на состанокот за унапредување на регионалната соработка. Најголем акцент се даде на заканите од тероризмот, владеењето на правото и економскиот развој на регионот.
Според албанскиот премиер Еди Рама, земјите од Југоисточна Европа и се потребни на Унијата за поефикасно соочување со политичките, економските и културните предизвици.
„За време на нашето претседавање со Процесот за соработка на Југоисточна Европа ние ја потенциравме економијата, енергијата и инфраструктурата со цел да ја засилиме постоечката иницијатива која донесе вредности при тековниот процес за интеграцијата во Европската Унија и истотака да изнајдеме нови, флексибилни и ефикасни начини за соработка во регионот. Ова е особено важно за поддршка на Процесот кој почна во Берлин минатото лето кој што ја претставува сегашната политичка воља кај клучните земји членки на Европа за поттикнување на соработката во регионот за да тој стане вистински регион од политичка и економска гледна точка“, изјави премиерот на Албанија, Еди Рама.
Еврската Унија нема брзо да ја отвори вратата за земјите од регионот, но земјите од Западен Балкан потребно е да ја синхронизираат стабилноста преку најразлични проекти. За македонскиот шеф на дипломатијата од голема важност е мобилизирањето средства за финансирање на инфраструктурните проекти и засилување на соработката за подобра интеграција.
„Македонија е една од шестте држави во регионот која е на пат кон европската интеграција, поради добро позната причина веќе подолг период не можеме да ги водиме преговорите, но јасно е дека следното проширување ќе се случи по повеќе години од сега, најмалку пет години ќе поминат и во тој период најмногу енергија ќе се посвети од страна на земјите членки на ЕУ на владеењето на правото“, изјави министерот за надворешни работи, Никола Поповски.
На маргините на настанот, министерот Попоски оствари билатерална средба со бугарскиот колега и со други министри од регионот.
Процесот за соработка во Југоисточна Европа е многу важна политичка платформа за интензивирање на дијалогот во регионот. Во рамките на состанокот во присуство на високи претставници на Европската Унија, се потпиша и заедничка изјава против било какви акти на тероризмот.
Сунчица Николоска
