Свлечиште го оштети цевководот од кој се снабдуваат РЕК Битола и индустриската зона

24.02.2015 16:03

Големо свлечиште кое што се уште е активно, сериозно го оштети главниот канал за довод на вода и цевководот од кој со технолошка вода се снабдуваат РЕК Битола и индустриската зона. Експерти од Градежниот факултет понудија решение...

Хаварија на главниот канал за довод на вода и цевководот преку кој со технолошка вода се снабдува РЕК Битола и некои други капацитети од индустрискиот дел на Битола. Оштетувањето го предизвика големото свлечиште што се појави во атарот над селото Драгарино, односна на објектот што се наоѓа на 13 километри од браната на акумулацијата „Стрежево“. Среќа во несреќата е што снабдувањето на РЕК Битола со технолошка вода не е доведено во прашање.

„Веќе неколку денови РЕК Битола со технолошка вода го снабдуваме преку нашата зафатна градба што се наоѓа кај месноста Довлеџик. Засега нема проблеми, ги испорачуваме потребните количини технолошка вода за РЕК Битола“, вели директорот на ХМС „Стрежево“, Маријан Геровски.

Преку алтернативни решенија проблемот го надминуваат и дел од останатите капацитети. Некои работат и со намален обем. Со насоки за привремено и што побрзо решавање на настанатиот голем проблем, препораки дадоа и експертите од Градежниот факултет од Скопје.

„Првите препораки се да се растерети земјиштето за да се намали притисокот. Имам информација дека РЕК Битола ќе испрати механизација за расчистување на земјата. Се надевам тоа ќе предизвика смирување на земјиштето, а потоа да пристапиме кон временото решение- бајпасирање на цевководот“, рече директорот Маријан Геровски.

Временото решение е краткорочно. Се работи за дел на системот кој е од стратешко значење, па затоа е потребно ангажирање на сите стручни служби. Дополнителна опасност е тоа што свлечиштето е сеушта активно.

 

Стевче Митревски