Хартиените завршни сметки полека заминуваат во историјата
Во земјава има 60 илјади активни фирми и 12 илјади кои мируваат, а на списокот за бришење се ставени 30 илјади. Системот на Централниот регистар е надграден во однос на лани и засега нема забелешки од корисниците...

Турканиците на шалтерите и хартиените завршни сметки полека заминуваат во историјата. Од лани се повеќе фирми обврската кон Централниот регистар ја извршуваат користејќи го новиот електронски систем „Е- сметка“. Сметководителите се едуцирани и без проблеми ги користат предностите на електронското поднесување годишни сметки. Велат дека на овој начин се штеди и време и луѓе.
„Предностите на поднесувањето е - годишна сметка е што се губи помалку време и човечки ресурси и во наредниве години тенденцијата за поднесување е-годишни сметки ќе биде во подем“, вели Драган Митковски, претседател на Комората на сметководители и потпретседател за финансии во ССК.
Во земјава има 60 илјади активни фирми и 12 илјади кои мируваат, а на списокот за бришење се ставени 30 илјади. Системот на Централниот регистар е надграден во однос на лани и засега нема забелешки од корисниците.
„До овој момент имаме во постапка за поднесување завршни сметки над 11.700 годишни сметки, од кои над 6.000 се веќе поднесени, односно направен е завршен влез. Очекуваме овој број на поднесени завршни сметки преку електронски ситем да биде над 25-26.000 бидејќи веќе се направени над 26.000 асоцијации меѓу управителите и сметководителите“, изјави Андреа Поповски, директор на Централен регистар на РМ.
Законскиот рок за доставување годишни сметки е 28 февруари, а за податоци во електронска форма за трговските друштва, трговци поединци и самостојни вршители на дејност, рокот е 15 март. Централниот регистар и преку ценовникот ги мотивира фирмите да го користат електронскиот систем.
Поднесување годишна сметка со податоци во електронска форма самостојните вршители ќе ги чини 998 денари, а во хартиена 1.499. Електронската годишна сметка е задолжителна за средните и за големите субјекти.
Свето Николовски
