Фабриката на Гентерм готова до октомври, почнуваат првите вработувања!
Ставен е потпис на договорот за инвестицијата на американски „Гентерм“, вредна 20 милиони евра. Во првата фаза се најавени 1.000 вработувања во зоната во Прилеп. Идната недела почнува изградбата на погонот, кој вратите треба да ги отвори во октомври. Наскоро и првите вработувања...

Американската компанија „Гентерм“ со амбициозни планови за Македонија. Ставен е потпис на договорот кој предвидува новата фабрика во Прилеп да стане оперативна веќе во октомври. За да се запази рокот, градежните работи почнуваат веднаш, а со тоа и првите вработувања.
„Денес и утре почнува процесот за избор на менаџерскиот тим и на вработените кои ќе заминат на обука во нивната фабрика во Украина. Ова значи дека многу брзо ќе прави регрутацијата и обуката на работната сила. Веќе се разгледуваат и можностите што е можно поголем број на добавувачи од Прилеп и од цела Македонија да бидат вклучени во нивниот процес на производство“, изјави Виктор Мизо, директор на слободните економски зони.
Паралелно со изградбата на фабриката ќе се работи и на самата инфраструктура во слободната зона во Прилеп. Предвидено е во почетокот погоните да се простираат на 6.500 квадратни метри, за потоа новиот инвеститор да се прошири за повеќе од трипати. Директорот на компанијата за Европа вели дека при носењето на финалната одлука за инвестирање во игра биле пет држави од ЈИЕ и од Северна Африка. На крајот, конечниот избор паднал на Македонија.
„Најважните причини да инвестираме во Македонија беа достапната и добро образована работна сила, како и инвестициски можности кои ни ги понуди Владата. Сакаме да прозиводствениот капацитет да биде готов до октомври. Немаме многу време, но сметаме дека со поддршката од Владата ќе можеме да ја постигнеме оваа цел“, нагласи Јорг Еверс, директор на компанијата за Европа.
Производството од Македонија е предвидено да се пласира на европскиот пазар, што дополнително ќе го зголеми извозот од земјава. Побарувачката за нивните производи ќе го диктира и бројот на вработени во прилепскиот капацитет.
„Се работи за инвестиција од околу 20 милиони евра. Во првата фаза ќе се отворат 1.000 работни места, а компанијата на информираше дека е предвидено бројот на вработени постепено двојно да се зголеми“ – изјави Алек Никовски, советник за привлекување странски инвестици
„Гентерм“ е американска компанија за производство на грејачи за автомобили. На глобално ниво вработува 9.000 луѓе. Клиенти и се најголемите играчи од автомобилскиот бизнис, од рангот на Ферари, Порше, Дајмлер, Бентли, Рено, БМВ, а лани продажбата достигнала 800 милиони долари.
Мартин Пушевски
