„Виножито“ реагира на извештајот на ЕКРИ: Побаравме објаснување од Советот на Европа
Партијата на Македонците во Грција „Виножито“ веќе побарало официјално објаснување од Советот на Европа за овој, според неа, навредлив документ. Павле Воскопулос за МТВ изразува сомнеж дека и невладините организации во Грција на средбите со експертите од ЕКРИ, воопшто не ги споменале проблемите со кои се соочува ова малцинство...

Сериозен пропуст за кој побарававме од Советот на Европа официјално објаснување. Ова е реакцијата на „Виножито“, партијата на Македонците во Грција, откако е изоставено македонското малцинство во последниот извештај на ЕКРИ. Лидерот, Павле Воскопулос, за Македонската телевизија вели дека нема изговор за ваквиот чекор, ако се има предвид дека само пред пет години, истата комисија во својот извештај пишувала за кршење на човековите права на ова етничка група.
„Од друга страна може според нас да процениме дека и невладини организации во Грција што минатиот март се сретнале во Атина со членови на оваа комисија, најверојатно воопшто не спомнале забелешки што требале да ги направат околу македонското малцинство во Грција“, вели Павле Воскопулос за МРТ.
Воскопулос смета дека не се работи ниту за слабо лобирање од нивна страна, ниту пак посилно лобирање од грчка страна. Сепак, официјалниот одговор од оваа институција го очекува во најкраток можен рок.
„По логика и по начинот на работење на оваа комисија треба членовите на оваа комисија, што се претставници на земјите-членки на советот на европа кога посетуваат една држава да се сретнат со соодветните луѓе и припадници на малцинството баш на теренот, во грција. Како е можно, ако овие денес што го напишале овој извештај, не било интересно или предизвик за нив да ги сретнат истите овие луѓе или други луѓе од малцинството кога колегите пред пет години го направиле тоа во Грција“, додава Воскопулос.
Македонците во Грција, преку Виножито, со години се обидуваат да ги остварат основните човекови права. Извештаи на Стејт Департментот, но и на експерти од Обединетите Нации, редовно ја посочуваат Грција како држава во која малцинствата не се признаени и не можат слободно да се изразуваат и да ја негуваат својата култура, јазик и традиција.
Катерина Топалова
