Директорите на ФЗОМ поднесоа оставка

24.02.2015 16:53

Јас сум емотивен човек, не ладен бирократ. Ова беа зборовите на Маја Парнарџиева - Змејкова со кои ја објави оставката на функцијата директор на Фондот за здравство. Еден час потоа се повлече и вториот директор Џемали Мехази. По смртта на девојчето Тамара коешто чекаше за операција на ‘рбетниот столб, јавноста бараше одговорност од здравствените власти...

Од морални и човечки причини, првиот човек на Фондот за здравство, Маја Парнарџиева Змејкова си даде оставка од директорската функција. Повлекувањето следи по случајот со девет годишната Тамара од Велес која не дочека операција во странство.

„Јас сум човек кој е воспитан приватно и професионално да помага секому и истовремено сум емотивна личност а не некаков ладен бирократ и сите овие напади лично ме погодија. Денес објавувам дека од човечки причини се повлекувам од функцијата директор на Фондот“, рече Маја Парнарџиева Змејкова.

Освен Парнарџиева, оставка си даде и вториот директор на Фондот, Џемали Мехази. Во меѓувреме, обдукцијата открива дека бронхопневмонија, а не сколиоза е причината за смртта на девојчето. Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека ќе се испита дали Тамара воопшто била лекувана од оваа сериозна дијагноза.

Според нив, првичните проверки и увидот во здравствениот систем покажуваат дека девојчето воопшто не посетило лекар, ниту примало терапија за бронхопневмија.

Лекарите велат дека бронхопневмонијата е тешка клиничка состојба, особено во детската возраст и ако навреме не се отпочне со лекување може да заврши со лош исход.

„Ако состојбата дозволува амбулантски да се третира тогаш се користи целокупната амбулантска терапија што може да даде добар исход на болеста. Во случај на компликации и појава на потешка клиничка слика, децата треба да се упатат во установа каде што ќе може болеста да се лечи на соодветен начин за да може исходот да биде добар“, вели д-р Оливер Зафировски- директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата.

Тамара почина пред 15 дена во Велес, чекајќи да биде испратена на операција за сколиоза во Турција.

 

Андријана Атанасовска