Иванова во Брисел: Македонија посветено работи на ретките болести
На синоќешната донаторска вечер во Брисел во организација на меѓународната Еурордис, почесен покровител по втор пат беше првата дама на Р. Македонија, г-ѓа Маја Иванова заедно со сопругите на претседателот од Србија и од Малта...

Поддршка за истражувањата, третманите, раното откривање и превенција, рехабилитација на пациентите со ретки болести, како и позиционирањето на ретките болести во јавното здравство е пораката која во пресрет на меѓународниот ден за ретки болести, беше испатена на синоќешната донаторска вечер во Брисел во организација на меѓународната Еурордис, на која почесен покровител по втор пат беше првата дама на Р. Македонија, г-ѓа Маја Иванова заедно со сопругите на претседателот од Србија и од Малта.
„Имав прилика да потенцирам дека Р. Македонија работи посветено на ретките болести, преку надлежните институции и министерства. Според податокот што го имам во Македонија има околу 60 пациенти. Дел од нив добиваат целосен третман за лекување од страна на државата. Имав прилика да пренесам дека со одлука на Владата на Р. Македонија се донесе едно системско решение, како по примерот на европските земји, за да се зголеми финансирањето за лекување на лицата со ретки болести, со одвојување на еден денар од секоја продадена кутија цигари, со тоа значително ќе се зголеми фондот за лекување“, изјави првата дама, Маја Иванова.
Инаку Еурордис е една од најголемите светски организации од ова област со мрежа од скоро 700 организации за ретки болести од повеќе од 60 земји и е глас на над 30 милиони пациенти кои боледуваат од над 4.000 ретки болести. Средствата од донаторите се наменети за функционирање на самата организација и постигнување на нејзините цели.
На донаторската вечер присуствуваше кремот на европското општество, меѓу кои и нејзиното височество, принцезата Астрид од Белгија.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
