Подвиг: Македонски и албански нуркачи ќе нуркаат по охридското крајбрежје

25.02.2015 15:39

Охридскиот нуркач Милутин Секулоски - Миќо придружуван од своите колеги ќе се обиде да го направи најголемиот подвиг во историјата на овој спорт. Почнуваќи од 28 февруари, па во наредните четири месеци тој ќе го пренурка Охридското езеро во должина од осумдесет километри и триста дваесет и два метри. Тоа ќе придонесе за откривање на барем дел од тајните што ги крие древното езеро...

Меѓународниот нуркачки инструктор, Милутин Секулоски- Миќо во наредните три до четири месеци, придружуван од своите колеги ќе го пренурка Охридското Езеро во должина од 80 километри и 322 метри. Овој своевиден подводен маратон кој ќе се одвива на длабочина од 5 до 15 метри ќе придонесе на виделина да излезат нови сознанија за едно од најстарите езера во светот.

„Целта на овој проект не ни беше да го поминеме само дното на Охридското Езеро,туку за време на пренуркувањето да фотографираме, снимаме под вода и да позиционираме одредени пронајдени работи под вода, со цел научната јавност да има нови податоци кои се во нивен интерес“, изјави Милутин Секулоски-Миќо, меѓународен нуркачки инструктор.

Во албанскиот дел од езерото, Секулоски ќе биде придружуван од нуркачи од оваа наша соседна земја, кои како што велат, ќе го искористат неговото искуство и знаење за да ги регистрираат подводните локалитети и од таа страна на езерото.

Има голема количина на муниција од Втората светска војна, од пред неколку години, од 97-ма, кога без критериум се фрлаше муниција во езерото. Исто така на две- три места има локалитети како што е Градиште кај вас, такви се и во Лин и другите места“, вели Ерик Мато, нуркач од Албанија.

Подводната експедиција започнува во сабота, кога Секулоски во придружба на 50 нуркачи од Градското пристаниште ќе занурка кон Струга. Во текот на четиримесечната подводната кружна тура тој секојдневно ќе биде придружуван од неколку нуркачи, кои ќе му помагаат во изведувањето на подводните активности.

 

Сашо Нелоски