Семејството Ристоски од тетовско Сиричино бара помош за изградба на урнатиот дом
Откако пред неколку месеци силните дождови им ја урнале куќата, семејството Ристоски од тетовско Сиричино живеее кај соседите. Успеале да обезбедат градежни материјали, но сега им треба помош за изградба на новиот дом за сите 11 членови на семејството...

Остатоците од срушената куќа сега се расчистени. Борче Ристоски ми покажа неколку фотографии што ги направил со телефонот од страотната глетка кога се срушил нивниот дотраен дом.
Во него живееле тој, сопругата и трите деца, како и неговиот брат со сопругата и петте деца. За среќа во тој момент биле излезени и никој не е повреден.
„Баш тогаш излеговме кај соседите кафе да пиеме. Среќа што не бевме дома. Ќе имаше и жртви“, раскажува Борче Ристоски.
Веќе неколку месеци живеат во една соба во куќата на соседите, а брат му со семејството е кај други соседи. Велат дека немаат соодветни услови и дека мора да направат свој дом.
„Тешко е, нема никакви услови, живееме во една соба. Цела зима ја поминуваме без шпорет“, вели Соња Ристоска.
Општина Јегуновце и неколку хумани луѓе им помогнале во расчуствувањето на урнатината и набавката на градежни материјали. Сега им е потребна помош за изградба на нов дом. Сами неможат да се снајдат зошто вработен е само Борче.
„Ни треба помош од градежни работници или фирми кои можат да ни помогнат за градба. Материјал нешто имаме“, рече Борче Ристоски.
„Апелираме што може да ни се помогне. Апелираме и до државата. Јас мислам дека има хумани луѓе што можат навистина да ни помогнат. Многу ќе им бидеме благодарни“, вели Соња Ристоска.
Се надеваат дека нивните повици за помош ќе допрат до сите што можат да им помогнат во изградбата на нова скромна куќа, во која ќе имаат услови за живот и повторно ќе почувтавуваат дека се дома.
Зоран Јованоски
