Недвижности

Се градат нови станови, цената нема да паѓа!

25.02.2015 16:56

Градежните компании и агенциите вклучени во пазарот со недвижности проценуваат дека цените на становите нема да паѓаат. Никнуваат нови згради. Расте и понудата и побарувачката. Најскап е квадратот во Центар, Карпош и во Аеродром...

Цените на становите повеќе нема да паѓаат – ова се проценките и на градежните компании и на агенциите кои го следат пазарот на недвижности. Се градат нови згради, понудата се зголемува, но расте и побарувачката. Најскап е квадратот во Центар, Карпош и Аеродром, поевтино е во периферните општини.

„Се очекува цените да се стабилизираат, повеќе не се очекува надолен тренд, напротив, сметаме дека постепено ќе се качуваат цените. Побарувачката е зголемена во атрактивните општини, се градат станови, има успешни проекти и зголемен број на трансакции“, изјави Влатко Богоевски, консултантска компанија за недвижности.

Просечната цена на крајот од 2014-та година изнесувала 982 евра од квадратен метар. Градежните компании оценуваат дека под ова не може да се оди, бидејќи поскапеле градежните материјали, а и регулативата станала постога.

„Ова е најниска цена што може да биде. Во Аеродром цените беа 1.200 евра + ДДВ, а сега становитите се продаваат за 1.100 или 1.150 евра со вклучено ДДВ“, вели Ванчо Чифлиганец,  сопственик на градежна компанија.

„Нема услови да се намалат цените, освен ако се штеди на квалитет. Трошоците за производство се зголемени, воведени се нови нормативи и за енергетска ефикасност, така што цените може само да се зголемат како резултат на повисоките трошоци“, смета Зоран Азманов, директор на градежна компанија.

Истражувањата покажуваат дека при носењето на финалната одлука за купување стан со 50 проценти учествува цената, со 30 отсто локацијата, а со 20 функционалноста на живеалиштето. Дополнителен двигател на страната на побарувачката се и олеснетите услови за кредитирање.

„Олеснети се условите, бидејќи каматните стапки се пониски, нема дополнителни трошоци за обработка и за проценка. Ние имаме раст од 12 проценти на кредитното портфолио кај населението и очекуваме дека растот ќе продолжи и годинава“, вели Маја Палчевска, диретектор за кредитирање.

Според последните анализи, во второто полугодие од 2014-та година 39% од завршените станови биле непродадени, што е знак дека на пазарот се уште има атрактивна понуда. Во првото полугодие непродадени биле 47 проценти од становите, што значи дека побарувачката се зголемила. Оттука и прогнозите дека цената на становите нема да паѓа во претстојниот период.

 

Мартин Пушевски