Се заоструваат критериумите: За административец- низа испити и докази за квалитет

25.02.2015 17:08

Кандидатите ќе полагаат низа испити, ќе се оценува просекот, ќе се рангира на кој универзитет завршиле, какво неформално образование имаат. Единствен критериум ќе биде квалитетот – тврдат надлежните...

Строги критериуми за вработување во јавната и државната администрација. Ќе се бара и меѓународно признат сертификат- доказ за познавањето на странски јазици. Кандидатите ќе полагаат низа испити, ќе се оценува просекот, ќе се рангира на кој универзитет завршиле, какво неформално образование имаат. Тестирањата ќе бидат транспарентни, процесот сниман во живо, резултатите објавени веднаш. Единствен критериум ќе биде квалитетот – тврдат надлежните.

„Покрај стручниот и општиот тест и тестот за интегритет, има тест за силогизми, има тестови кои се специфични во зависност од областа на кандидатот. Системот е така направен што оние кои се на првично ниво- најдобро рангираниот автоматски влегува“, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

Се стега обрачот околу оценувањето. Колку сработил, како ја завршил работата, какви оценки добил од колегите и претпроствените. Полугодишно интервју – годишно оценување. Од нив ќе зависи дали ќе има бонус плата или отказ. И граѓанските мислења пресудни.

Највисоки оценки во јануари од граѓаните за работата на службениците во Агенцијата за вработување, во Катастарот и Централниот регистар. На системот за услуги сеуште треба да работат службите на МВР и Фондот за здравство.

 

Сузана Фиданска Стоевска