Случај „Пуч“: Изречена првата пресуда

25.02.2015 17:19

Прва пресуда за еден од обвинетите во „Пуч“. Три години затвор доби вработен во МВР којшто го призна делото. Кривичната пријава беше за шпионажа и за неовластено прислушување. За 30 дена му е продолжен притворот на првоосомничениот, екс-разузнувачот, Верушевски...

Казна затвор од три години за еден од обвинетите за шпионажа  и  неовластено прислушување, вработен во МВР. Се договориле спогодбено со скопскиот кривичен суд за двете дела на предлог на основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Судија на претходна постапка со пресуда ја верификувал спогодбата со која полицискиот службеник бил обвинет за овие кривични дела. Обвинетиот, кој неодамна беше уапсен со уште еден поранешен вработен во министерството, бил дел од мрежата на поранешниот директорот на УБК, Зоран Верушевски во случајот „Пуч“. Двајцата на распитот признале дека работел за пари за странски служби.

„Давјцата биле ангажирани и работеле во корист на странска служба, превземајќи активности и чекори за кои биле богато финансики нагардени. Од првично направените проверки имотот на двајцата е несразмерно зголемен, односно анализите кои досега се направени покажуваат дека станува звор за  стотици илјади евра во готовина, но и во акции кои завршиле кај нив“, изјави Иво Котевски, помошник министер за односи со јавност во МВР.

Полицијата во нивните домови пронајде и одзеде лаптоп-компјутери,  мобилни телефони, сим картички, хард дискови и 9 штедни книшки со поголема сума девизи. А, нови 30 дена притвор му се определени на првосомничениот, екс разузнавачот Зоран Верушевски.

На барање на обвинителството, сега му е определен притвор за делата шпионажа и насилство спрема највисоките државни органи, а претходната мерка беше за поседување пиштол кој не бил пријавен во МВР. Образложението на судијата за новите 30 дена притвор било дека Верушевски ќе влијаел на сведоците и постоела опасност од бегство.

Наташа Гркова- Петрушевска