Фудбал – Лига на шампиони

Арсенал и Атлетико под четвртфинален императив!

25.02.2015 17:23

Артсенал – Монако и Баер – Атлетико за заокружување на првата осминафинална сесија во фудбалската Лига на шампионите...

Резултатите, искуството и квалитетот го наметнуваат Арсенал како фаворит, но Монако во фазата по групи покажа дека не е за потценување. Екипата од Кнежевството, загуби само од Бенфика кога го прими единствениот гол во шесте натпревари и парадоксално, заврши како прва со само четири постигнати погодоци и два бода помалку од топчиите коишто во својата конкуренција беа втори.

Иако мина успешни седум години на клупата на Монако со којшто играше во финалето на Купот на куповите, Арсен Венгер не сака да се занимава со минатото, туку потсетува дека Арсенал 15 сезони е во нокаут фазата. Пофалувајќи ја цврстината на одбраната и брзата транзиција на гостите, Французинот е оптимист дека лондончани конечно по четири сезони ќе го минат осминафиналето. Арсенал никогаш во четирите нокаут пресметки не испаднал од француска екипа.     

И билансот на Монако со англиски тимови е позитивен, 3:1 во елиминациски дуели, но најголемиот проблем сезонава е неефикасноста. Откако си заминаа Фалкао и Родригез, Монако постигна 26 гола на 25 натпревари, но сепак е во добра форма од само еден пораз во последните 17 мечеви и тоа кога Генган ја прекина серијата на Субашиќ од 842 минути без примен погодок.

Тренерот на Монако, Леонардо Жардим потенцираше дека неговата екипа ни на почетокот не беше фаворит, но дека како најдобра во групата влезе во осминафиналето. Стратегијата на Португалецот е да одиграат солидно и да не дозволат напаѓачите на Арсенал да ги извадат од баланс.

Кај Арсенал ќе ги нема повредените Рамзи, Артета, Дебуши и подзаборавениот Диаби, се опорави, но најверојатно нема да игра ниту Вилшер, додека неизвесен е настапот на Окслејд - Чембрлен. Хендикепот на Монако ќе биде поголем затоа што ќе отсуствуваат Тулалан, Карваљо,  Бакајоко и Раџи, а не се комплетно заздравени Курзава, Караско и Мутињо.

Пред почетокот на сезоната, Арсенал и Монако во Лондон го одиграа единствениот меѓусебен натпревар и тоа пријателски. Славеа Францизите со 1:0 со голот на Фалкао. Преносот од Емирати ќе биде на МРТ1 во 20 и 45.

Пред четири сезони, натпреварите меѓу Баер Леверкузен и Атлетико Мадрид во групата во УЕФА Европа лигата завршија по 1:1, но сега ситуацијата е поинаква. Најдобро ја опишува тренерот на Германците, Роџер Шмит кој вели дека иако се бундеслигаши кога играат против финалистот се аутсајдери. Причините се, 467-те минути без примен гол на мадриѓани во Лигата на шампионите во којашто во осум нокаут дуели по ред се поразени само во оној за титулата од Реал. Спротивно пак, Баер нема постигнато погодок 197 минути и ги загуби последните седум елиминациски елитни мечеви. Сепак, Диего Симеоне предупредува дека Атлетико мора да ја има контролата на топката, играчите да бидат фокусирани на сопствената игра, бидејќи само така ќе остварат добар резултат.