Груевски: Македонија била цел на прислушување од странска служба

25.02.2015 19:06

„Нашиот план е да се бориме со факти и со аргументи за ова што и се случува на нашава држава“, порача премиерот Никола Груевски кој објави нови детали за случајот „Пуч“. Груевски одговори на голем број прашања кои овој период стигнале до него, а потоа одговараше и на новинарски прашња...

Македонија била цел на прислушување од странска служба, главен соработник бил поранешниот прв разузнавач, а кон средината на 2014-та за овие материјали се заинтересирал и лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој со нив се обиде да изнуди техничка влада, истакна премиерот Груевски. Тој рече дека во целата игра Заев бил само обичен инструмент. Ако целта ми беше да го замолчам или да го спречам, логично би било да ги прифатам неговите уцени, додаде Груевски, но тоа не го направив.

„Овдека играта не е Зоран Заев, тој е само еден најобичен инструмент, камиказа, овде играта е многу поголема, преголема за неговите сфаќања. Јас не сум човек кој функционира под закани и уцени. Тоа е неприфатливо кон граѓаните и кон државата да калкулирам за националните и државните интереси“, изјави премиерот Никола Груевски.

Шпионажата ја вршеле професионалци од висок калибар што биле обучени за такви дејствија. Премиерот од МВР бил информиран дека од комуникацијата со обвинителството се цени дека за сето ова постојат цврсти материјални докази и сведочења. Разузнавачката служба за која МВР знае која е, била потпомогната од нивни соработници од Македонија, а снимениот материјал се преведувал на англиски и се испраќал кај нарачателот. Се е дешифрирано и обезбедено како доказ за на суд, потенцира Груевски.

Рече дека дел од пронајдениот материјал кај Верушевски кој е во притвор, имало и во компјутерот на неговата сопруга што го користела на работното место во една финансиска организација во сопственост на приватна компанија од една соседна држава.

„Откако Зоран Заев започна да ги упатува заканите кон мене, МВР покани врвни експерти за оваа проблематика од позната странска компанија, која со своја опрема изврши проверка и утврди дека повремено, на различни локации главно во центарот на Скопје, непознат сторител врши нелегално прислушкување и снимање на телефонски разговори, користејќи мобилна опрема чија локација постојано се менува, а која функционира по принцип на клонирање на таканаречени базни станици. Се правела промена на местоположбата, а во радиус на 2 километри од институциите, главно во Центар, од каде се лоцирале токму и телефоните на државниот врв и носителите на јавни функции. И таа опрема ја приклучувале во одреден дел од денот, најчесто помеѓу 12 и 18 часот. МВР за ова има и писмен извештај, за наодите кои произлегоа од нивната работа, но досега не успеа да ги лоцира сторителите, заради што истрагата за ова сеуште не е завршена“, нагласи премиерот Груевски.

Груевски беше дециден дека никогаш не се снимало ниту ќе се снима, освен доколку, како во случајот со разговорот со Заев обвинителството не издаде таква наредба, а по претходна оправдана пријава. Според него, СДСМ шпекулира со различни бројки дека имало 26 илјади прислушувани лица. Се работи за функционери и јавни личности. Груевски дециден, нема техничка Влада ниту предвремени избори.

„Техничка влада ако сакав да прифатам ќе прифатев, кога Заев ме уценуваше и го условуваше сето тоа со објавување на овие снимки. Така што одговорот за техничка влада е не. Сепак ќе мора г-динот Заев да се помачи на избори, со проекти, со идеи, со дела и со памет да ги добие изборите. Со сила и на ваков начин не се добиваат избори. Во врска со тоа дали ќе има предвремени парламентарни избори, одговорот е не. Граѓаните се клучот, односно нивната определба дали сакаат да бидат вовлечени во ова деструктивно сценарио, спремено и спакувано од страна или ќе се насочат на реалните проблеми и на тоа кој ќе има подобра понуда и подобри решенија за проблемите на граѓаните, подобра програма и резултати “, рече Груевски.

Премиерот потенцира дека државата се грижи за функционалноста на безбедносниот систем и најдобар одговор на ваквите обиди е реакцијата на институциите и покренувањето на процесните дејствија за расчистување на околностите поврзани со случајот, кој мора да има правна и институционална завршница.

 

Милчо Велески