Ракомет

Карабатиќ и Аморим најдобри меѓу најдобрите!

25.02.2015 20:02

Французинот Никола Карабатиќ и Бразилката Едуарда Аморим, блескаа во 2014-та и затоа се прогласени за најдобри во светот во изборот на ИХФ...

30-годишниот Карабатиќ со Франција стана европски шампион, па по 2007-ма вторпат е најдобар светски ракометар. Бекот на Барселона доби 33,7 проценти од гласовите, втор во изборот беше данецот од ПСЖ, Микел Хансен со 21, а трет неговиот соиграч, Тјери Омејер со 19,5 проценти. Токму голманот на триколорите и Карабатиќ се дел од шесторката Французии кои го добиле ова вредно признание, заедно со Џексон Ричардсон, Стефан Штоклин, Бертран Жил и Даниел Нарцис. 

Некогашната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров, Едуарда Аморим пак, е втората Бразилка по Александра до Насименто пред две години, која е број еден на планетата. Во 2014-та, Аморим со Ѓер ја освои Лигата на шампионите, како и титулата и Купот во Унгарија. 28-годишната Аморим доби 35,2 проценти од гласовите, Романката Кристина Неагу од Будуќност 25,8, а Норвежанката Хајди Локе која како и најдобрата игра за Ѓер, собра 16,8 проценти.