Одгледувањето ноеви е исплатливо, потребна е посебна кланица
Освен месото и јајцата од нив се користат и пердувите, ноктите и трепките. Немаат посебен режим на исхрана, а даваат продукти кои изобилуваат со хранлива вредност, објаснуваат одгледувачите...

Отсуството на специјализирана кланица за ноеви е главната причина за изумирањето на оваа земјоделска гранка во Македонија, велат фармерите. Зоран Стоилов од подбеласичкото село Смоларе повеќе години за занимава со овој бизнис. Вели дека инвестицијата се враќа подоцна, но е исплатливо.
„Сакаме од одма да ги вратиме парите, малку се пролонгира враќањето на парите од ноевите. За нив треба посебна кланица, зашто нивното месо се продава на берза по категории“, вели Зоран Стоилов- одгледувач на ноеви.
Ноевите се лесно прилагодливи на македонската клима, тврди Стоилов. Освен месото и јајцата од нив се користат и пердувите, ноктите и трепките. Немаат посебен режим на исхрана, а даваат продукти кои изобилуваат со хранлива вредност, објаснуваат одгледувачите.
„Не бараат посебни услови. Тука температурите не се многу ладни, може да успеат ноевите. Трипати на ден ги храниме, немаат посебен режим на исхрана“, вели Зоран Стоилов.
Една просечна женка годишно неси од 50-70 јајца кои не содржат холестерол. Јајцето тежи над еден килограм и најчесто е реткост на домашните трпези.
Катерина Давчева
