ЕУ-САД: Договорот за слободна трговија позитивно ќе влијае на двете економии

26.02.2015 10:23

Еврокомесарот за финансиска стабилност Џонатан Хил е првиот претставник на новиот состав на Европската комисија којшто го посети Вашингтон. За време на средбите во главниот американски град, Хил истакна дека САД и ЕУ мора да соработуваат бидејќи заедно претставуваат 40 проценти од БДП во светот и дека новиот Договор за слободна трговија позитивно ќе влијае на двете економии…

Земјите членки на Европската унија не закрепнуваат од економската криза доволно брзо, и затоа мора да се работи на отворање на нови работни места за да се стимулира економскиот раст, изјави новиот еврокомесар за финансиска стабилност Џонатан Хил во Вашингтон.

„Денеска во Европа, една од најголемите закани за финансиската стабилност е недостигот од работни места и раст. Европската економија повторно расте, но брзината на опоравувањето не е каков што би сакале. Имаме речиси 25 милиони луѓе без работа. Во многу европски држави постои страв од изгубена генерација“, изјави Лорд Џонатан Хил, еврокомесар за финансиска стабилност, финансиски услуги и унија на капиталните пазари.

Европската унија мора да се концентрира на повисоки стандарди во регулативата за да се обезбеди безбеден и стабилен финансиски систем во земјите членки. Како Британец, Лорд Хил го коментираше престојниот референдум за излез на Британија од ЕУ во мај.

„Наидов на силна поддршка во Европската комисија од луѓе од многу држави коишто сакаат Обединетото Кралство да остане во ЕУ. Ако овде има луѓе коишто мислат дека на сите им е дојдено преку глава од Британија, така не мислат во Европа“, нагласи Лорд Џонатан Хил.

Новоформираната унија на капиталните пазари во Унијата треба да обезбеди финансиски средства за развој на средните бизниси за да европските компании не бараат кредити во Америка, изјави еврокомесарот Хил.

Новиот еврокомесар за финансиска стабилност го поддржува Договорот за слободна трговија и инвестиции меѓу Америка и Европската унија бидејќи од тоа корист ќе имаат и европската и американската економија.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ