ЖРК Вардар против Лајпциг најавува старт на серијата “3 од 3“
Индира Кастратовиќ, тренер на ЖРК Вардаризјави дека целта е зацртана, 3 победи во последните 3 натпревари...

Во пресрет на задутрешниот натпревар од 8 коло во Лигата на шампионите против Лајпциг, ЖРК Вардар одржа прес конференција. Клубот е максимално мобилизиран да излезе од променливата форма и да заигра најдобро кога е најпотребно.
Индира Кастратовиќ, тренер на ЖРК Вардаризјави дека целта е зацртана, 3 победи во последните 3 натпревари.
„Пред нас е период во кој треба да ја оствариме целта. Ќе одиме чекор по чекор, почнувајќи од сабота против Лајпциг. Имавме многу непријатни случувања во изминатиот период, меѓутоа девојките се свесни во каква состојба сме и работеа напорно последниве десет дена за да ја оствариме целта. Лајпциг е добра екипа, но ние сме подготвени да одиграме квалитетно и да победиме. Добра вест е што по четиримесечна пауза во полн тренажен процес е Хмирова, која сигурно ќе биде во составот на ЖРК Вардар.“
Слично размислува и германската интернационалка Ања Алтхаус, која одлично го познава ривалот, а на почетокот од сезоната го засили македонскиот шампион.
„Очекувам тежок меч, затоа што добро ги знам германските екипи. Тие се порастоварени, затоа што нема што да изгубат. Ние работевме напорно изминатите денови, ги анализиравме грешките од претходниот меч, кој не го одигравме како што планиравме. Верувам во моите колешки и сите сме фокусирани да одиграме добро и да победиме.“
Во име на клубот се обрати и Гордана Нацева, претседател на ЖРК Вардар.
„Најпрвин, ги демантираме сите шпекулации околу написите за евентуален ангажман на Кристијансен во ЖРК Вардар. Следно, очекуваме со помош на исполнетите трибини да ги оствариме домашните победи и за таа цел, билетите за мечот со Лајпциг ќе важат и за последното коло на 14 март, кога ја пречекуваме руската екипа Динамо Синара. И она што е најважно, состојбата на Робертина Мечевска е стабилна и според извештаите на лекарскиот тим, таа е вон животна опасност за што сме благодарни на сите кои придонесоа за тоа. Деновиве ќе и биде извршена хируршка интервенција, но најважно е дека е свесна, може да дише без помош на апарати и дозволено и е да конзумира храна“ – заврши Нацева.
