260 семејства од поплавените подрачја ќе добијат 10 милиони денари
Ова е првичната парична помош што ургетно ќе биде распределена во 12 општини. По ова, најавија министрите Јанакиески и Спасов, ќе следуваат проценки за уништените земјоделски површини и за инфраструктурата...

260 семејства од поплавените подрачја во земјава ќе добијат парична помош. Над 10 милиони денари собрани во хуманитарната акција во наредниве денови ќе бидат распределени на најзагрозените. Комисиите ќе продолжат со проценката на штeтите.
„За овие 260 семејства направен е точен попис што се е оштетено. Контролата ја вршеа тимови и од Министерството за труд и социјална политика, и од Црвениот крст“, изјави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Помош ќе биде распределна во 12 општини. Најмногу штета претрпеле домаќинствата во Битола, Кичево, Могила и во Струмица.
„Семејствата се поделени во 10 групи. Семејствата ќе добијат помош во износ од 14 до 110 илјади денари во зависност од големината на штетите“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Екипите на Црвениот крст цело време се на терен. На погодените семејства им поделиле вода, храна, средства за хигиена и ќебиња.
„Заклучно со 25-ти овој месец заврши акцијата со телефонските повици преку трите оператори, меѓутоа Црвениот крст на РМ работи и понатаму, останува отворен за сите хуманитарни активности“, нагласи генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити.
Додека се дели помошта на терен, се санираа патишта, мостови и делови од железницата, како и локални патни правци неопходни за да им се овозможи на граѓаните од тие региони безбедно да се вратат во домовите.
Наташа Јанчиќ
