Расте побарувачката за нови станови
Проектот „Купи куќа, купи стан“ ги поевтини станбените кредити. Се разгоре конкурентската битка меѓу банките. Банките се тркаат со атрактивни понуди...

Побарувачката на нови станови расте по падот на цената на станбениот квадрат од 5,3 проценти во последниот квартал од 2014 година. Намалувањето го потврдија и најновите податоци на Народната банка. Цената за квадратен метар во атрактивните локации сега се движи од 795 - 1.100 евра вели првиот човек на Акционерското друштво за изградба.
„Гледаме економскиот аспект да биде оправдан, за да можат граѓаните да купат вакви станови, а тоа значи да има реална пазарна цена“, изјави Цветко Грозданов - АД ССДП.
И градежните компании се задоволни од продажбата. Кумулативната вредност на станбени објекти изградени во периодот од 2011-тата е за 72 отсто повисока, период кога стартуваа и субвенционираните кредити.
„Ние имаме над 50 кредити кои се реализирани преку Купи куќа- купи стан, дури имаме и станбени делови кои ги правиме специјално по таа цена за да може да се вклопи во цената која е пропишана“, вели Зоран Азманов, Настел.
Проектот „Купи куќа, купи стан“ ги поевтини станбените кредити. Се разгоре конкурентската битка меѓу банките. Банките се тркаат со атрактивни понуди, со камата до 3% во првите три години и до 7% годишна, променлива за останатиот период до отплата на кредитот.
„Порастот на исплатените станбени кредити во текот на 2014-та во однос на 2013-та инесува 12%. Свој удел во овој пораст има и зголемениот интерес на граѓаните за проектот Купи куќа- купи стан“, вели банкарот Драган Михајлов.
Проектот „Купи куќа, купи стан“ овозможи нов дом на околу 500 семејства.
Раст на побарувачката на станови, но и раст на станбените кредити потврдија податоците на НБРМ за четвртиот квартал од 2014-та година.
Дијана Ценевска
