Случајот „Пуч“ на пратенички прашања

26.02.2015 17:37

Дали е нарушен безбедносниот систем и дали некој ќе преземе одговорност - побаран одговор од премиерот на собраниската седница за пратенички прашања...

Случајот „Пуч“ и прислушувањето влегоа и во Собранието преку пратеничките прашања. Солза Грчева побара одговор од премиерот дали безбедносниот систем во државата е нарушен и во кои случаи се користат посебните истражни мерки. Смета дека последниот случај покажал оти општеството ни е во длабока криза. Побара одговорност. Премиерот Груевски рече дека на вчерашната прес конференција дал исцрпни детали за случајот, но не се согласува со брзи одлуки и осуди однапред.

„Безбедносниот систем е отворена книга во која не само што секој може да прочита што сака, и да сними што сака, туку и да допише по потреба. Ние сеуште не ги знаеме сите снимки, што ако некој ги допишува внатре. Колабиран е безбедносниот систем. Во секоја нормална држава, челниците на таквите институции, прво, нечекајќи ниту пет минути да поминат, си даваат оставки“, рече независната пратеничка Солза Грчева.

„Не треба да се брза со какви било одлуки. Треба да се сочека во една транспаретна постапка да се утврдат фактите. Секако, одлуките ќе бидат во склад со интересите на државата и со интересите на граѓаните на Република Македонија“, изјави премиерот Никола Груевски.

Премиерот вели дека случајот мора да има правна и институционална завршница.Во Собранието се огласи и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, но не од говорницата. По средбата со делегацијата на европските социјалисти, Тачи во изјавата за медиумите побара формирање анкетна комисија и институционална разрешница на случајот „Прислушување“.

„Единствена можност е преку Парламент, преку анкетна и истражна комисија да се обелоденат овие работи и сите тие документи да завршат на суд каде транспарентно секој ќе има право да биде присутен и со асистенција, или набљудување на меѓународната заедница, еднаш засекогаш да се заврши оваа фаза“, изјави претседателот на ДПА, Мендух Тачи.

Премиерот Груевски вчера обелодени дека Македонија била цел на прислушување од странска разузнавачка служба,главен соработник бил поранешниот прв разузнувач, а кон средината на минатата година за тоа се заинтересирал и лидерот на СДСМ Заев и дека со документите се обидел да изнуди техничка влада.

 

Милчо Велески