Инвестиција од 250 милиони евра и 250 вработувања во рудник кај Казандол
Согласно договорот, најпрво ќе се гради фабрика за катоден бакар со капацитет од 4.000 тони годишно, а геолошките истражувања продолжуваат на уште два локалитета каде се планира изградба и на објекти за финални производи...

Отворање на 250 работни места и инвестиција од 25 милиони евра за една година најави новиот концесионер на рудникот за експлоатација на бакар злато и сребро на локалитетот Казандол. Ќе биде промовиран и нов начин на вадење руда со напредна технологија во затворен систем – битен за заштита на животната средина.
Согласно договорот, најпрво ќе се гради фабрика за катоден бакар со капацитет од 4.000 тони годишно, а геолошките истражувања продолжуваат на уште два локалитета каде се планира изградба и на објекти за финални производи.
Владата продолжува со активностите за привлекување странски инвестиции кои имаат позитивен ефект врз растот и развојот на економијата. Компанијата САРДИЧ со англиско-украински капитал во првата фаза од проектот ќе вложи 25 милиони евра и ќе вработи 250 лица, но плановите не застануваат тука, рече министерот Беким Незири пред потпишувањето на договорот.
Како што информира извршниот управител на компанијата Генадиј Сичов, изградбата на фабриката почнува во мај, а производството треба да стартува најдоцна до крајот на годинава.
