Инвестиција

Од бакарната руда во Казандол ќе се произведуваат финални производи

27.02.2015 15:18

Инвестиција од 250 милиони евра за четири години и 250 нови вработувања. Потпишан договорот со концесионерот за екплоатација на бакар, злато и сребро на локалитетот Казандол со најсовремена технологија. Ќе се гради фабрика за катоден бакар со капацитет од четири илјади тони годишно...

За 4 години од бакарната руда во Казандол, Валандовско ќе се произведуваат финални производи, бакарни жици и кабли. Англиско украинската компанија „Сардич МЦ“ најави амбициозна инвестициска програма која предвидува вложување 250 милиони евра и изградба на рудник и неколку фабрики. Во првата година ќе бидат инвестирани 25 милиони евра и креирани 250 работни места.

„Во 2015-та се планира градење на фабриката и отпочнување на процесот на електролиза. Така што до крајот на оваа година планираме да отпочне и самото производство“, изјави Генадиј Сичов, извршен директор во „Сардич МЦ“.

Од „Сардич“ најавија дека ќе се користи најсовремена рударска технологија, затворен  производен процес, кој ги задоволува највисоките еколошки стандарди и кој се користи при производство на околу 70% од светската продукција на бакар.

„Капацитетот на рудникот е на ниво од 4 илјади тони катоден бакар годишно. Тоа ќе биде стартен капацитет на фабриката. Предвидуваме развој и во тој дел во иднина“, вели Бошко Сибиновски, извршен директор во „Сардич МЦ“.

Министерството за економија ќе помогне при обезбедување на сите потребни дозволи и одобренија, а посебна работна група се грижи за сите странски инвеститори. Државата за годинава не планира зголемување на концесискиот надоместок, најави министерот Незири.

„Со потпишување на вакви договори ќе придонесеме за намалување на невработеноста во нашата држава и отварање можност на малите компании кои што работат во тој регион да ја гледаат иднината во соработката со компанијата Сардич“, рече министерот за економија, Беким Незири.

Со отворањето на рудникот Казандол ќе се инвестира и во подобрување на патната и локалната комунална инфраструктура, најавија од Сардич. За почеток, локалниот и државниот буџет ќе бидат побогати за 2 милиона евра годишни приливи од новата инвестиција.

 

Свето Николовски