Заминуваат 535 вработени од Прилепскиот комбинат со отпремнини до 15.000 евра
Од понеделник почнува испраќањето 535 вработени од прилепскиот Тутунски комбинат со отпремнини до 15.000 евра. На работниците веднаш ќе им се исплатата парите за што се одвоени околу 7 милиони евра. Во фабриката за цигари стратегиснкиот партнер „Филип Морис“ веќе монтира нови машини...

Заминува првата група 100-тина вработени од прилепскиот Тутунски комбинат со отпремнини. Во пет групи до 24-ти март компанијата треба да ја напуштат 535 работници. Тие заминуваат со пакети до 15.000 евра. Ова е дел од договорот за стратегиското партнерство со светскиот производител „Филип Морис“. Парите на работниците веднаш ќе им легнат на сметките, а се обезбедени од заедничкиот буџет со партнерот. Ќе се исплатат близу 7 милиони евра.
„Ќе почнеме со реализација на истото и би одело на неколку дена една група од стотина луѓе, следната недела уште стотина и во март би го завршиле комплетно целиот процес“, вели Александар Дерменџиев, генерален директор на Тутунскиот комбинат во Прилеп.
Цел месец полни раце работа ќе има и Агенцијата за вработување. Според стажот, ќе добиваат надомест од државата. Во процесот активна улога имаше и Синдикатот.
„Оние вработени кои не ја исполнуваат квотата од 15 000 евра, за нив има уште по 500 евра и 12 месеци да бидат под Агенцијата за вработување и да примаат надомест 50 насто од просечниот личен доход што го примале пшоследните 24 месеци“, изјави Димитар Ѓорчулески, претседател на Синдикатот во Тутунскиот комбинат.
Во фабриката за цигари Филип Морис деновиве монтира две машини за производството на брендовите на оваа светска компанија. Менаџментот на Комбинатот најавува нивно производство кон крајот на април.
Елизабета Митреска
