До април ќе се распише концесија за автопат Гостивар - Кичево
Во текот на март или најдоцна во април, со тоа ќе го затвориме целокупниот Коридор 8 од Скопје до Охрид на ниво на автопат, најави министерот Јанакиески...

Оваа година ќе биде распишана концесија за патниот правец од Гостивар до Кичево. Очекувам тоа да се случи во текот на март или најдоцна во април, со тоа ќе го затвориме целокупниот Коридор 8 од Скопје до Охрид на ниво на автопат. Ова го најави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, одговарајќи на новинарско прашање по доделувањето на решенија за легализација на дивоградби во општина Кисела Вода.
Тој рече дека ќе биде објавена концесија за делницата од Скопје до Блаце, која е многу значајна, бидејќи со тоа Република Македонија ќе се поврзе со Република Косово.
Најави дека во март ќе почне градбата на 50-тина локални патни правци кои, како што рече, се многу значајни за развој на локалната инфраструктура во земјава.
