Туризмот ќе ја раздвижи економијата во југоистокот
Потенцијалот за развој на оваа стопанска гранка е голем, едногласни се сите вклучени во процесот. Археолошки, културен, езерски, селски и планински туризам се дел од атрактивното портфолио на овој регион...

Југоистокот треба да понуди добро осмислена стратегија која што од регионот може да направи примамлива туристичка дестинација. Потенцијалот за развој на оваа стопанска гранка е голем, едногласни се сите вклучени во процесот. Археолошки, културен, езерски, селски и планински туризам се дел од атрактивното портфолио на овој регион. Проектите во насока на развој на туризмот, го зголемуваат бројот на гостите, а директно и ја билдаат локалната економија.
„Јакнење на капацитети и поддршка на бизнис секторот за апликации. Тоа е првиот дел. Секако даваме поддршка во промоција на регионот“, вели Жулиета Ѓуркова- директор на Центарот за развој на Југоисточен плански регионот.
Хотелиерите пак, бараат и зголемување на сместувачките капацитети. Кога се одржуваат поголемите културно- забавни манифестации се бара легло повеќе, а голем дел туристи ја одлагаат повеќедневната посета.
„Сместувачките капацитети се доста мали, им организираме и превоз до соседните градови, се надевам дека ќе имаме повеќе сместувачки капацитети“, вели Наташа Бабулова, ТА Атлантис.
Струмица и Гевгелија веќе ги користат предностите на интернетот и имаат изработено посебни веб страни за промоција на туристичката понуда. Come2strumica.mk и Gevgelija turizam се местата на кои се презентирани сите информации поврзани со туризмот. Општините реализираат и проекти за реконструкција на археолошки локалитети, но и воопшто за искористување на туристичкиот потенцијал.
„Реконструкцијата на еко патеката долга 615 метри е при крај се протега од јужната страна на Вардарски рид, па се протега до мотелот на долниот дел од реката Вардар“, вели Љупчо Алексов од Општина Гевгелија.
Лани, според заводот за статистика има зголемување на бројот на туристи за скоро пет проценти, од кои 2,7 кај домашните и 6,4 кај странските гости. По региони, Југоистокот е на третото место со околу 110 илјади посетители минатата година.
Катерина Давчева
