Развојот на Вевчани ќе се темели врз туристичките потенцијали

28.02.2015 14:37

Новиот урбанистички план на Општина Вевчани кој не беше донесен од 1999 година, оваа 2015 година ќе биде заокружен со голем број проекти со новите прописи за урбанистички одговор за просторните потреби на општината. Ски центар, нова спортска сала, план за управување со Споменикот на природата “Вевчански извори” и доградба на канализациона мрежа...

Иако Вевчани е мала општина сепак нејзините заложби и остварувања се големи. Општина Вевчани изминатава година вложи голем напор за унапредување на соработката со релевантните сектори од Владата на РМ, Меѓународната заедница како и приватниот сектор за реализација на клучните приоритети на Вевчани. Еден од главните приоритети е зимскиот ски центар на Јабланица.
 
„Ќe има преку 30 километри скијачки стази, во исти момент ќе можат да скијат преку 4.000 луѓе, ќе се наоѓа на 3 километри од завршетокот на Вевчани на надморска висина од 2.100 метри“, вели првиот човек на општина Вевчани, Цветомир Угриновски.
 
Она што на Вевчани најмногу му недостасува а во иднина ќе се посвети поголемо внимание е токму сместувачките капацитети за кои денес туристите на Вевчани се принудени да ги користат хотелските услуги во градот Струга а дел и во соседен Охрид. Поради тоа ќе се гради Зимско село.
 
„Физибилити студијата предвидува Зимско село помеѓу Вевчани и скијачките терени, предвидува изградба и на хотели, ќе има и со 5 ѕвездички, 4 но повеќето ќе бидат со 3 ѕвездички. Интересот е веќе огромен“, додаде градоначалникот на Вевчани, Цветомир Угриновски.
 
Во втората половина на месец март оваа година ќе биде пуштена во употреба и новата Спортска сала со 500 седишта а нејзината вредност од 800.000 евра е финансирана од Владата на РМ преку Министерството за Образование и наука.
 
 
 
Јованчо Наумоски