Вежба на Полкот за специјални операции во Маврово

28.02.2015 14:47

Во рамки на одбележувањето на денот на Полкот за специјални операции на АРМ, во Маврово се одржа вежба во зимски услови. Министерот јолевски беше задоволен од вештините и способностите што ги покажаа припадниците на оваа елитна единица на македонската армија…

Припадниците на Полкот за специјални операции веќе два месеци имаат обука во зимски услови во мавровскиот регион. Времето можеби не им одговараше на новинарските екипи, но маглата, снегот и ниските температури беа идеални за тие да ги покажат своите вештини.

Изведоа огледна тактичка вежба со пребарување и спасување затрупани лица во снежна лавина, подготовка на објекти за престој во зимски услови, како и препад на објект и неутрализирање на диверзантско терористичка група.

„Се оспособуваа за совладување снежни површини, како и реализација на борбени операции во најтешки временски услови, користење на опремата, средствата, пребарување и спасување загинати и изгубени во планина од лавини, како и користење на севкупната опрема со која располага единицата во овие видови операции“, изјави Бригаден генерал Васко Ѓурчиновски – командант на ПСО.

Ги посети министерот за одбрана Зоран Јолевски. Пред него ја претставија опремата и објектите за живот и престој на планина во зимски услови. Јолевски ја погледна целата вежба и беше задоволен од прикажаните вештини.

А за зимската обука на припадниците на Полкот за специјални операции да биде комплетна, тие се стекнаа и со скијачки вештини кои ги покажаа на падините на Бистра.

Припадниците на АРМ со овие активности ја покажаа својата врвна обученост за сите видови борбени операции во најсложени временски, земјишни и борбени услови.

Оваа огледна тактичка вежба е во рамки на одбележувањето на Денот на полкот за специјални операции и 21 година од формирањето на оваа елитна единица на Македонската армија.

 

Зоран Јованоски