Почна проектот за пренуркување на Охридско Езеро

28.02.2015 17:17

Започна несекојдневниот потфат инициран од мајсторот на нуркачките вештини, милутин секуловски-миќо. Тој и негови колеги од Охрид, Дубровник и од Албанија ќе пренуркаат осумдесет километри долж брегот на Охридското Езеро. Проектот ќе трае 4 месеци и ќе биде единствен ваков подвиг во светот што ќе придонесе за афирмација на Охрид и на Македонија...

Означен е стартот на големиот проект за пренуркување на Охридското Езеро . Рутата е долга 80 километри, а ќе се нурка на длабочина од 5 до 15 метри. Меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секуловски-Миќо, како носител на овој своевиден потфат за откривање нови тајни за Охридското езеро, заедно со педесетина домашни колеги, како и нуркачи од Албанија и од Дубровник, придружуван од припадници на специјалните единици на АРМ и на МВР, во текот на нуркањето ќе ги снима подводните атракции кои ќе придонесат позиционирање на локации интересни за научната јавност.

„Како бројка кога ќе ви каже некој 80 километри изгледа дека е лесно да се помине,но верувајте дека ако нуркате секој ден ,тогаш ваков потфат тешко дека некој може физички да го издржи,бидеќи условите за нуркање во вода се доста специфични“, изјави Милутин Секулоски-Миќомеѓународен нуркачки инструктор.

Секулоски дневно ќе нурка по еден километар,а за неговата здравствената состојба ќе се грижи медицинска екипа опремена со хипербарична комора.

„Тој ќе има две нуркања во текот на денот,вкупно 90 до 110 дена. Тоа е голем притисок, голем товар за организмот, тоа воопшто не е едноставно“, вели д-р Горан Балевнуркач.

Нуркачкиот потфат со огромна подршка и од локалната самоуправа.

„Овој подвиг е многу поголем од она што ние го гледаме. Јас мислам дека нема цена ова што нуркачите го прават за Охрид и за Република Македонија“, смета Ангел Јанев, заменик градоначалник на Охрид.

Подводната експедиција ќе трае околу четири месеци по што ќе бидат подготвени документарен филм и изложба на фотографии,кои ќе откријат многу тајни кои што со векови ги крие древното езеро.

 

Сашо Нелоски