„Ајде“ на протест пред МРТ, Бојаровски не спречил штетен договор!

28.02.2015 17:30

Група граѓани денеска организираа перформанс против, како што рекоа, неизбалансираното известување од страна на МРТВ. Меѓу нив имаше и партиски активисти и поранешни членови на раководството на јавниот сервис. Двајца од нив во 2008-та не спречиле штетен договор за набавка на неупотреблива опрема, од кој МРТВ и денес трпи последици...

Членови на граѓанското здружение „Ајде“, излегоа на протест пред МРТ. Побараа таа да биде, како што велат, вистински сервис на граѓаните и преку принципите на универзалност, разновидност и независност да обезбеди вистинито и навремено информирање.

„Треба да бидете независно од кој било државен орган, треба да обезбедите постојано, вистинито, целосно, непристрасно, праведно и навремето информирање, да создавате и емитувате квалитетни програми за сите важни општествени фактори, случувања и процеси“ – изјави Билјана Бејкова, новинар и граѓански активист.

„Почнете да информирате за историјата која Ви се случува пред очи или ќе влеземе и ние сами ќе известуваме“, изјави Јана Коцевска, граѓански активист.

„Македонската телевизија обезбеди рамноправен пристап за учесниците во изборната кампања, согласно новите законски правила“ – ова е заклучокот во последниот извештај на Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги,  посветен на политичкиот плурализам за време на изборната кампања. Слична беше оценката и на меѓународните набљудувачи. 

Меѓу првите луѓе на денешниот протест беа новинарот Зоран Бојаровски и директорот на соросовата фондација „Отворено општество – Македонија“, Владимир Милчин. И двајцата се поранешни членови на Советот на МТВ. Бојаровски беше и претседател на Советот, и тоа во 2008-та година, кога претседател на УО на МРТ е Леонид Наков, поранешен член на ЦО на СДСМ.  

Тогаш се реализира една матна зделка од која МРТВ и денес трпи последици. Во директна спогодба и без тендер, е склучен договорот со словенечката компанија ТСЕ за набавка на студиска опрема, кој потоа се покажа како  штетен за ЈП. МРТ го загуби судскиот спор и сега треба да плати околу 1,5 милион евра. 

„Јас не се сеќавам на тоа. Тоа го правеа стручните служби. Советот нема улога да ги води тие процеси, има улога да укажува и препорачува на УО и на директорите на Телевизијата да ги завршат тие судски процеси што е можно побрзо“, изјави Зоран Бојаровски, тогашен претседател на Советот на МРТ.

Станува збор за зделката вредна 475 илјади евра, која спротивно на насоките на Бирото за јавни набавки, е реализирана во четири очи, без тендер, а дополнително е отстапено и рекламно време во вредност од 237 илјади евра. Договорот освен што е незаконски, не бил одобрен ниту од стручниот колегум и од инженерите од Телевизијата, кои се изјасните дека опремата е прескапа, односно дека реалната пазарна вредност е далеку под она што треба да се плати.

„Се работи за работеше за опрема стара 8 години. Тоа е како автомобил стар 8 години да ви го продадат по цена како за нов автомобил. Затоа, техничкиот колегиум не се сложи со таквата одлука, сметавме дека опремата е непотребна и дека има многу други поприоритетни работи, а ако се купува опрема да биде на ново“, изјави Цане Петрушевски, раководител на сектор техника во МРТ.

МТВ се уште ги трпи последиците од ваквата одлука на тогашните највисоки органи на управување. Декемвриските плати доцнеа токму како резултат на вака стокмениот договор.

Сега целата документација за договорот склучен без тендер е во рацете на Врховниот суд.

 

Мартин Пушевски