Пред време исплатени 174 милиони долари кредит од ММФ
Министерот за финансии објасни дека ова е направено за да се пресретне ризикот од понатамошен раст на доларот во однос на еврото. Така се заштедени 5 милиони евра...

Владата предвреме го исплати долгот кон Меѓународниот монетарен фонд. Отплатени се 174 милиони долари од кредитот за претпазливост што беше подигнат во 2011-та во вредност од 312 милиони долари.
Министерот за финансии објасни дека ова е сторено за да се пресретне ризикот од понатамошен раст на доларот во однос на еврото. Така се заштедени 5 милиони евра.
„На тој начин е избегнат ризикот од курсни разлики и второ е подобрен имиџот на македонија со тоа што со оваа трансакциуја е намален јавниот и државниот долг за 1, 7 проценти поени“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Потврда за добрите економски политики на Македонија стигна денеска од реномираната агенција „Фич“. Задржувањето на висок степен на макроекономска стабилност, ниско ниво на задолженост, добрата бизнис клима што резултира со се поголем број странски инвестиции се главните позитивни страни што ја одржуваат стабилноста на кредитниот рејтинг на Македонија, стои во соопштението од „Фич“.
„Ова е уште една добра порака во однос на инвеститорите дека Република Македонија има макроекономска стабилност, има добра бизнис клима и добри услови за водење на бизнис како за домашните така и за странските инвеститори“, нагласи Ставрески.
Ставрески додава дека ова е и потврда за добрата перспектива за одржување на нивото на раст на економија од 4 проценти што, според него, е меѓу најдобрите во Европа.
Викторија Тодоровска
