Русија: Убиен лидерот на опозициското движење за солидарност

28.02.2015 19:03

Во центарот на Москва во близина на Кремњ синоќа беше убиен лидерот на руското движење за Солидарност, Борис Немцов. Според полицијата, тој бил застрелан со четири истрели во грбот од автомобил во близина од непознат напаѓач. Рускиот претседател Путин, чијшто силен критичар беше Немцов, изрази сочувство за смртта и додаде дека суровото убиство ги има сите знаци на исклучително професионален и провокативен чин...

Полицијата го пронајде автомобилот во кој се наоѓале убијците на опозицискиот лидер Борис Немцов во близина на местото каде што била извршена егзекуцијата. Истрагата што ја спроведува Руското министерство за внатрешни вели дека убиството било добро планирано, што го покажуваат времето и локацијата на злосторството. Оттаму велат дека нема сомнеж оти организаторите ја знаеле маршрутата на Немцов. Московските граѓани со неверување ја примија веста за убиството на Немцов. Неколку стотини се собраа на местото на настанот.

„Не ми се допаѓаше како личност, тоа можам директно да го кажам. Но, фактот дека беше убиен и тоа на таков начин, мислам дека е истрел во грб за цивилната заедница“.

„Дојдов овде бидејќи ова е моја земја и се грижам за она што се случува во неа“.

„Навистина жалам за Борис, лично го познавав. Волонтерски работев како негов асистент. За жал сега тоа е минато време. За мене ова е голема трагедија“, велат граѓаните.

Немцов беше гласен критичар на политиките на Кремљ.

„Ова е протест за добрососедските односи во нашите браќа во Украина. Верувам дека она што го прави Путин е катастрофа за сите граѓани во оваа земја“, рече неодамна рускиот опозициски лидер Борис Немцов.

Во официјалното соопштение од кабинетот на претседателот Путин се вели дека ќе се стори се за организаторите и извршителите на ова срамно и цинично убиство да ја добијат казната што ја заслужуваат.

Се споменуваат повеќе верзии за можна причина за убиството, од политичка провокација, па се до одмаздништво од страна на радикални исламисти. Некои извештаи велат и дека добивал закани поради неговиот став околу пукањето во францускиот весник „Шарли Ебдо“.

Светските лидери го осудија убиството и побараа независна и непристрасна истрага. Дел од руските политичари сметаат дека убиството има за цел дестабилизација на Русија. Побараа да не се брза со заклучоците и да се искористат сите средства да се откријат сторителите. Во меѓувреме, власта го одобри маршот на опозицијата, што ќе се одржи утре во центарот на Москва во спомен на убиениот опозициски политичар.

 

Марина Автовска