ЖРК Вардар му се реваншира на Лајпциг и ја оствари првата од зацртаните 3 победи
Во клучните моменти на сцена стапи Ина Суслина со неколку бравурозни одбрани, особено по пеналот на Кудлач кога врза две во серија и го деморализира ривалот, кој не се опорави до крајот...

Во мечот кој значеше да се биде или не ЖРК Вардар го совлада Лајпциг со 26 : 20, иако крајниот резултат не го отсликува драматичниот тек на мечот. Германките поведоа на стартот преку Ланг, но следуваше серија од 3 гола за Вардар и одржување на предноста до средината на полувремето или до резултат 6 : 4. Но, тогаш направија неколку технички грешки и им дозволија на гостинките со 3 едноподруго гола да го преземат водството. Тоа ги разбуди ракометарките на македонскиот шампион, кои одговорија со серија од 4 гола во следните 10 минути, за највисоки 10 : 7. Сепак, попуштија во финишот и му дозволија на ривалот да намали на гол разлика.
Продолжението Вардарки го почнаа уште подинамично и поведоа со 15 : 12, но упорните гостинки одново се вратија на гол негатива, која ја одржуваа се до 17 : 16. Во клучните моменти на сцена стапи Ина Суслина со неколку бравурозни одбрани, особено по пеналот на Кудлач кога врза две во серија и го деморализира ривалот, кој не се опорави до крајот. Бодрени од околу 4.000 гледачи во “Јане Сандански“ со прецизни напади и брза транзиција ракометарките на Вардар постигнаа 7 гола по ред и дојдоа до највисоки 24 : 16 со што го решија победникот, а гостинките во завршницата само ублажија за конечни 26 : 20.
Покрај Суслина која заврши со 19 одбрани, во нападот “вардаровата германка“ Алтхаус постигна 6 гола, а со по 5 одлични беа Николиќ и Радичевиќ. ЖРК Вардар ќе преноќи на 3 позиција во групата со 7 бода, еден повеќе од Лајпциг и вториот Бундеслигаш Турингер, кој утре ќе игра со Крим. Веќе во петок македонскиот шампион ќе гостува во Љубљана, во обид да ја оствари втората од трите зацртани победи.
