Инфраструктура: Се санираат пет мостови, ќе се градат 46 локални патишта

01.03.2015 16:48

Од денеска почнуваат градежните активности за санација на мостот на реката Пчиња во село Долно Коњаре. За санацијата се издвоени 3,5 милиони денари, а треба да заврши во април. Министерот Јанакиески најави дека ќе се санираат уште 5 моста што биле оштетени од поплавите. Од утре почнува изградбата на 46 локални патишта во 38 општини, за што се обезбедени 7,2 милиони евра...

Покрај овој мост кој што беше оштетен од поплавите уште 5 моста низ земјава ќе бидат санирани, владата за оваа намена издвои 3,5 милиони денари.

Мостот на Пчиња во Долно Коњаре е само еден од 4– те на кои интензивно се работи. Надлежните кои вршеа увид во градежните работи информираа дека санацијата и на останатите треба да заврши кон првата половина на годинава за што владата издвои  околу 60 милиони денари. Наскоро ќе почне реконструкцијата и на оние кои претрпеа најголема штета од поплавите.

„Почнавме со санација на мостот тука, очекувам дека во наредните два месеци ќе биде завршен. Освен овој мост ги работиме и мостот кај Сирично, кај Злеово и Пишица. Работиме и на проектната документација за мостот на реката Брегалница“, изјави директорот на ЈП за државни патишта, Владо Мисајловски.

Овој мост е неопходен за жителите бидејќи ги поврзува населените места ’Ржачино и Коњаре.

„Санацијата на овој мост кој беше оштетен од поплавите е од огромно значење“, нагласи градоначалникот на општина Петровец.

Миниситерот јанакиески најави дека покрај санацијата на мстовите во следниот период почнува изградбата на голем број локални патишта.

„Во 38 општини за 46 локални патишта, во должина од 57 километри, инвестиција од 7,2 милиони евра. Веќе од понеделник започнуваме со изградба и реконструкција на сите овие локални патишта кои треба да бидат завршени до крајот на оваа година“, нагласи министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Мисајловски рече дека ќе се санира мостот на делницата Гостивар - Превој  „Стража“,  на реката треска на делницата Македонски Брод – Самоков и ќе се изгради армирано - бетонски мост на делница Тркање - Пишица, кај село Соколарци.

 

Викторија Тодоровска