МЗТ Скопје Аеродром и со повратнокот Пипан убедливо поразен од У. Олимпија
Во текот на играта металците имаа многу осцилации, од атрактивни моменти до очајна завршница што резултира со висок пораз...

Во 23 коло од АБА лигата кошаркарите на македонскиот шампион загубија од Унион Олимпија со 57 : 76. Во текот на играта металците имаа многу осцилации, од атрактивни моменти до очајна завршница што резултира со висок пораз.Стартот беше ветувачки, со агресивна игра и водство од 10 : 5 и добри воведни 5 минути се до 12 : 8. Тогаш следуваше голем пад и серија на гостите од 12 поени, кои дојдоа до 12 : 20. Но, домаќините како што ја загубија така ја вратија позитивата и на средина од вториот период водеа со 25 : 20. И како по исто сценарио тука нагло застанаа и со многу грешки во играта му дозволија на ривалот да го полни кошот. До полувремето постигнаа само 3 а примија дури 19 поени па гостите од Љубљана заминаа на пауза со двоцифрена разлика 28 : 39. Драстичната разлика беше во шутот за 3 поени, каде што МЗТ имаше очајни 11 - 1, а Олимпија предводена од Препелиќ и Мариновиќ 11 - 6.
Третиот период наместо агресивен приод донесе летаргично издание на домашните кошаркари кои им овозможија на љубљанчани зголемување на предноста. Во такви услови Олимпија имаше предност 36 : 57 на минута до крајот на третиот период, разлика која умешно ја контролираа и во последните десет минути во кои металците одиграа безидејно и предвреме се предадоа. Противникот имаше водство од 25 разлика во последниот период и рутински го добија мечот со 57 : 76. Резултатски а и од играчка гледна точка неуспешно деби на 5 - от тренер сезонава кај металците, повратникот на Алеш Пипан, кој до пред неколку дена беше на кормилото на вечерашниот противник. Најзаслужни за победарта беа Препелиќ со 18 поени и Мариновиќ со 15 поени, а кај МЗТ Лучиќ беше единствен двоцифрен со 15 поени. Олимпија останува на 5 место со 13 победи и 10 порази, а со 17 - от пораз сезонава, МЗТ останува на претпоследното место само пред бугарскиот Левски.
