Алпско скијање

Нова победа на Фенингер

02.03.2015 12:45

Фенингер одново за „нијанса“, за 16 стотики беше побрза од големата конкурентка, Словенката Тина Мазе...

Ана Фенингер незапирливо ги освојува светските бели патеки. Од последните четири старта во трките од Светскиот скијачки куп, три  завршува со победничко време.На вчерашната радост во Банско во суперкомбинација, 25-годишната Австријка надоврза триумф во супервелеслалом, кој се одржа во дополнителниот денешен термин поради незавршената саботна трка на истата патека. Фенингер само ја потврди  врвната подготвеност, сила и брзина.

Денешната трка потсети на неодамнешниот „супер-џи“ на Светското првенство во Бивер Крик кога редоследот го одредуваа стотинките. Фенингер одново за „нијанса“, за 16 стотики беше побрза од големата конкурентка, Словенката Тина Мазе.

И Американката Линдзи Вон имаше добра трка,трето место со 28 стотинки послабо време од победничкотои по подолго време со  место на победничкиот подиум.На Фенингер ова и е 12-та победа во кариерата во натпреварите за Светскиот куп, а 4-та во супервелеслалом. Со новите освоени бодови таа незапирливо и се приближува на Тина Мазе во трката за титулата „скијачка кралица“ за 2015-та година.

До неодамна уверливата предност на Мазе во генерален пласман сега е сведена е на само 44 бодови разлика. Таа  води со 1145 бодови пред Фенингер со 1101 бод. 

Во викендот што претстои, во Гармиш следи нова нивна пресметка на два фронта, одново во „супер-џи“ и во спуст.