Иновациски проекти за нови работни места
Компаниите и иноваторите ги слушнаа можностите за финансирање на иновативните проекти и искуствата од регионот. Поддршката од државниот Фонд за иновации треба да резултира со нови работни места и примена на нови технологии...

Како добриот изум да се претвори во успешна иновација. Компаниите и иноваторите ги слушнаа можностите за финансирање на иновативните проекти и искуствата од регионот. Поддршката од државниот Фонд за иновации треба да резултира со нови работни места и примена на нови технологии. Преку тековниот оглас ќе се распределат 600 илјади евра за 20 компании.
„Таргетот за овој повик е дека ќе финансираме околу 20 компании и се надеваме дека секоја компанија ќе има барем пет лица коишто ќе бидат задолжени за активностите за реализација на проектот“, изјави Јасмина Поповска, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
Бизнис заедницата очекува компаниите кои ќе ги добијат средствата да обезбедат повисок извозен потенцијал.
„Овие компании се во категоријата на компании кои најтешко реално обезбедуваат средства и доаѓаат до финансии во однос со комерцијалните банки. Сметаме дека фондот за иновации и технолошки развој токму ќе има една позитивна улога за овие старт ап компании“, вели извршниот директор на ССК, Митко Алексов.
Преку програмите на Српскиот фонд за иновации се отворени 300 работни места. За три ипол години откако функционира, со 6 милиони евра се финансирани 53 проекти.
„Во изминативе три години пимивме над 470 апликации, што докажува дека потенцијалот навистина постои“, вели Наталија Сандиќ, Фонд за иновациска дејност- Србија.
Огласот за првиот инструмент на фондот е отворен до 18 април. Фондот покрива 85% од трошоците за проектот, а апликантот треба да ги обезбеди останатите 15%. За годинава Фондот за иновации на располагање има 2,2 милиони евра.
Сунчица Николоска
