Поволности: Четири мерки за сопствен бизнис

02.03.2015 16:51

Од денеска, можност за аплицирање за финансиска помош за младите кои сакаат сопствен бизнис и за фирмите кои ќе вработуваат. Сумите се движат од 7 до 23 илјади евра...

Младите кои сакаат да почнат сопствен бизнис и компаниите кои ќе отвораат нови работни места, може да аплицираат во Aгенцијата за вработување за некоја од четирите мерки за кредитирање. Рокот за отплата на парите е 7 години, со каматната стапка од еден процент- ова  се поволностите кои им се нудат на младите до 29 години.

„За мерката самовработување со кредитирање за млади лица до 29 години имаат на располагање и можат да искористат до 7.000 евра за самовработување за кредитобарателот доколку е младо лице до 29 години и дополнителни 4.000 евра за секое ново вработување во вкупен износ до 23.000 евра“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Останатите мерки ги опфаќаат невработените кои сакаат да отворат сопствен бизнис, да се самовработат или да бидат вработени. Компаниите ќе вработат постари лица ќе добијат 3.000 евра по вработување.

„За мал бизнис може да се добијат до 3.000 евра, односно да се здружат до три лица и да добијат 9.000 евра на еден проект, со тоа што има една година грејс период и две години за враќање. Доколку се работи за поголем бизнис или производство, тогаш подносителот може да подигне 5.000 евра, да се здружат до пет лица и да земат некаде околу 17.000 евра средства под многу поволни услови“, изјави директорот на АВРМ, Влатко Поповски.

Огласот на Агенцијата за вработување ќе трае до крајот на годината. Преку овие мерки кои се спроведуваат од 2008-та, досега се вработиле околу 5.000 луѓе.

Министерот Спасов апелираше до компаниите да ги отворат вратите за младите и да ги искористат поволните кредити за да отворат нови работни места.

 

Викторија Тодоровска