Сопственикот на „Фиком“ најден обесен во затворот во Штип

02.03.2015 17:09

Дел од измамените граѓани и денеска се кираџии иако становите ги платија на сопружниците од „Фиком“. Николиќ становите ги ставил под хипотека за од банка да земе кредит. Измамата на сопствениците на „Фиком“ тежи 12 милиони евра...

Со јаже врзано на плафонот за цевката од радијаторот, сопственикот на градежната фирма „Фиком“,  Никола Николиќ се обесил во затворот во Штип. Неговото тело затворениците го откриле утрината околу 6 и 30 часот. Управата за санкции соопшти дека  42 годишниот Николиќ за измами бил осуден на вкупна затворска казна во траење од 25 години и два месеци. 

Требало да излезе од затвор во ноември 2031-та. Според информациите тој не покажувал дека има психички проблеми, не користел антидепресивна терапија и не боледувал од никакви хронични болести. И неговата сопруга беше осудена на 10 годишна затворска казна за измамата со продажбата на станови, односно продаваа еден стан на повеќе лица.

Дел од измамените граѓани и денеска се кираџии иако становите ги платија на сопружниците од „Фиком“. Николиќ становите ги ставил под хипотека за од банка да земе кредит. Измамата на сопствениците на „Фиком“ тежи 12 милиони евра.

„Во однос на тужбите за сопственост, моја информација е дека само уште четири тужби се во судска процедура, сите други се решени, и за жал решени се негативно, во однос на сопствениците на уплатените средства. Луѓето останаа и без станови и без парите вложени во тие објекти“, објаснува Лорија Ваневска – оштетена во случајот „Фиком“.

Сопственикот на „Фиком“ и во кантината на штипскиот затвор каде што работел направил проневера на пари. Забошотил 100.000 денари.

 

Миле А. Ристески