САД: Постои закана од нови терористички напади од ИД

03.03.2015 10:24

Постои закана од нови терористички напади од припадници на Исламската држава или нивни приврзаници во земјите од антитерористичката коалиција и за тоа треба да бидеме подготвени, изјави генерал Џон Ален, Специјалниот пратеник на американскиот претседател Барак Обама за воените операции против Исламската држава којшто досега посетил 41 од 60-те земји членки на коалицијата...

Воените операции против силите на Исламската држава нема да бидат доволни бидејќи борбата е биде долготрајна. Потребно е земјите членки на антитерористичката коалиција да ги спречат странските борци и да бидат подготвени за нови терористички напади во своите земји, истакна генерал Џон Ален, Специјален пратеник на американскиот претседател Барак Обама за операциите против Исламската држава.

„Членките на коалицијата започнаа да преземаат координирани и драстични мерки за борба против заканата од странски борци. Над 12 држави ги сменија законите и казните за да се направи поединци потешко да патуваат и да се приклучат кон борбите во Сирија и во Ирак. Преку изградбата на капацитетот на Балканот, напорите за криминална правда во Северна Африка и преку инвестицијата од 20 милиони евра од Европската Унија за работа со ранливите групи население, почнуваме да гледаме координирани дејствувања. Но дури и со овие засилени мерки, странските борци успеваат да стигнат до бојното поле“, изјави пензионираниот генерал Џон Ален, Специјален пратеник на американскиот претседател.

Арапските земји членки на антитерористичката коалиција како Ирак треба да бидат силите коишто ќе ја извојуваат победата над Исламската држава. САД во наредните три години ќе обучува по 5.000 ирачки војници и ќе ги снабдуваат со оружје силите во Ирак и Сирија коишто се борат против џихадистите. По воените операции, меѓународната заедница треба да обезбеди услови за враќање на бегалците во своите домови.

Антитерористичката коалиција брои 62 држави и меѓународни организации, меѓу кои и Република Македонија.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ