Во Москва последно испраќање на Борис Немцов

03.03.2015 14:58

Посмртните останки на Немцов се изложени во музејот посветен на човековите права и на советскиот дисидент Андреј Сахаров. Голем број јавни личности дојдоа да му оддадат последна почест и да положат цвеќе...

Неколку стотини луѓе изутрината се собраа во Москва, пред центарот Сахаров каде што почна погребната церемонија по повод смртта на опозицискиот лидер Борис Немцов, којшто во петокот беше убиен во близина на Кремљ. Посмртните останки на Немцов се изложени во музејот посветен на човековите права и на советскиот дисидент Андреј Сахаров. Голем број јавни личности дојдоа да му оддадат последна почест и да положат цвеќе.

„Тешко е да се поверува дека тој повеќе не е меѓу нас. Борис беше личност што остави белег во историјата на Русија. Ова пред се е голема човечка загуба“, изјави Сергеј Кириенко, генерален директор на нуклеарната енергетска корпорација „Росатом“.

„Борис беше искрена и чесна опозициска фигура. Кажуваше што мисли и го правеше она што го кажува“, рече Александар Шокин, претседател на Унијата на бизнисмени.

„Дојдов да и оддадам почит на еден прекрасна, талентирана и паметна личност“, велат дел од граѓаните.

Украинскиот претседател Порошенко постхумно му додели Орден на слободата на Немцов, истакнувајќи дека тој секогаш ќе остане личност за која слободата била универзална вредност, и која не познавала граници.

Главниот сведок на убиството, украинската манекенка Ана Дурицкаја ја напушти Москва еден ден пред погребот. Таа тврди дека не го видела убиецот, туку само неговиот автомобил. Руските истражни органи истражуваат пет можни причини за убиството на Немцов, вклучувајќи ги и заканите што ги добивал поради ставот околу нападот на сатиричниот француски весник Шарли Ебдо.

Марина Автовска