Побрз и побезбеден транспорт: Почнаа градежните работи на обиколницата кај Смилковци

03.03.2015 15:02

Почнаа градежните работи на клучката на обиколницата Скопје кај месноста Смилковци. Побрз и побезбеден транспорт на околу осум илјади жители. Инвестиција вредна 40 милиони денари. Ќе го скрати и патот до новата населба што треба да се гради на Смилковско езеро...

За 10 километри ќе се скрати патувањето до центарот на градот на осум илјади граѓани од пет населени места. Преку клучката кај Смилковци, побрз ќе биде транспортот и до новите комплекси за спорт и рекреација за кои ќе се бара инвеститор. Ќе се градат на 70 хектари урбанизирано земјиште кај Смилковското езеро.

„Во наредниот период ќе стартуваме и со објави за продажба на градежно земјиште каде што очекувам потенцијални инвеститори да се јават за изградба на еден спортски комплекс. Така да оваа клучка е многу значајна и за побрзо и побезбедно патување на граѓаните“, изјави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Клучката кај месноста Смилковци е 10-та на скопската обиколница.

Изградбата на клучката кај месноста Смилковци чини околу 40 милиони денари, а нејзината изградба се очекува да биде готова за една година.

За изградба на коридорот 10 ќе се вложат над 3,4 милијарда денари. Се работи на регионални  патишта, а во тек е и изгрдабата на три големи автопати.

„Почнавме со санација на мостовите, почнавме со регионалните патишта, продолжуваме со изградба на клучки, во овој месец очекувам поголема градежна експанзија во сите делови на Македонија“, вели директорот на ЈП за државни патишта  Владо Мисајловски.    

340 милиони евра е тешка буџетската каса за капитални инвестиции годинава.

Андријана Атанасовска