Голден Стејт загуби, Атланта повторно најдобра!
Еден од главните кандидати за МВП, Стефон Кари постигна 18 од 26-те поени во последниот период, но Голден Стејт остана на 46 триумфи или еден помалку од Хоукс. Најрасположени во домашната екипа беа Брук Лопез со 26 и Дерон Вилијамс со 22 поена...

Атланта на Перо Антиќ повторно има најдобар ефект во НБА лигата, благодарение на поразот на Глоден Стејт на гости кај Бруклин со 110:108. Некогашниот играч на Вориорс, Џерет Џек погоди на секунда пред крајот за Нетси да го задржат осмото плеј – оф место во Источната конференција. Еден од главните кандидати за МВП, Стефон Кари постигна 18 од 26-те поени во последниот период, но Голден Стејт остана на 46 триумфи или еден помалку од Хоукс. Најрасположени во домашната екипа беа Брук Лопез со 26 и Дерон Вилијамс со 22 поена.
Словенецот Горан Драгиќ немаше милост кон својот Феникс и во победата на Мајами од 115:98 учествуваше со 21 кош. Сепак најефикасен беше резервниот бек на Хит, Тајлер Џонсон со 25 поени.
Залудно Шпанецот Рики Рубио реализираше 18 поени, 12 скока и 11 асистенции кога Минесота загуби од Клиперс со 110:105. Кај гостите најдобар беше Крис Пол со 26 поени и 14 додавања за кош.
ДеМар ДеРозан оствари личен рекорд сезонава од 35 поени за триумф на Торонто кај Филаделфија со 114:103. Репторс се и натаму втори на „истокот“, но дури и шестопласираниот на „западот“, Далас има подобар вкупен биланс од нив.
Маверикс славеа дома против Њу Орлеанс со 103:92. Монта Елис беше најпрецизен со 20 поени.
