Лагард го поздрави предвременото раздолжување кон ММФ
Шефицата на ММФ, Кристин Лагард со позитивна оценка за одлуката на земјава предвреме да се раздолжи кон Фондот. Вели – ова го отсликува подобрениот пристап на меѓународните пазари на капитал. Земјава редовно ги сервисира обврските, долговите се намалуваат...

Стигна првата реакција од ММФ. Шефицата на Фондот, Кристин Лагард, смета дека Македонија направила правилен чекор со одлуката предвреме да ги затвори обврските произлезени од кредитната линија за претпазливост, вредна 312 милиони долари.
„Ја поздравувам одлуката на ПЈРМ предвреме да ги отплати своите преостанати обврски кон Фондот, што го отсликува подобрениот пристап на земјата на меѓународните пазари на капитал. Очекуваме да продолжи блискиот и конструктивен дијалог со македонските власти“, вели шефицата на Фондот, Кристин Лагард.
Македонија ја отплати и последната рата од 174 милиони долари и тоа 13 месеци пред истекот на крајниот рок.
„Со одлуката предвреме да се вратат 174 милиони долари кон ММФ ќе донесе заштеда врз основа на камати и на курсни разлики од пет милиони долари. Ова не е за занемарување, бидејќи станува збор за средства кои ќе останат во Буџет и ќе се користат за други цели и намени“, изјави Томе Неновски, универзитетски професор.
Со ова јавниот и државниот долг на земјава се намалија за дополнителни 1,7 процентни поени. Според последната, јануарска пресметка на Министерството за финансии, државниот долг изнесува 36,6% од БДП, а јавниот 43,9% од БДП. Македонија се профилираше како земја која навремено ги сервисира обврските кон меѓународните кредитори и која, за разлика од другите земји од регионот, се уште е во безбедната зона. Светска банка во последниот, јануарски извештај, потврди дека јавниот долг на Македонија е под регионалниот просек кој изнесува 52,3% од БДП. За споредба, јавниот долг на Србија, заклучно со 31 јануари, достигна 72,3% од БДП и се искачи на 23,2 милијарди евра. Околу 70% гравитираат и долговите на Албанија и на Црна Гора.
„Се разбира дека е подобро кога јавниот долг се намалува, но важно е да се знае дека надминувањето на границата од 60%, утврдена со мастришките критериуми, само по себе не мора да значи ништо лошо, ако има динамизирање на економскиот раст и раст на обемот на економски активности“, смета Василие Костиќ, економист од Црна Гора.
Рекордер од соседството е Грција со јавен долг од 175% од БДП. Медиумите од оваа земја ја пренесуваат веста за предвременото раздолжување на Македонија, потсетувајќи дека тоа се случува во време кога тие мака мачат со меѓународните кредитори.
Мартин Пушевски
