Транспорт

Нови вагони за модерна железница

03.03.2015 16:36

Со 107 нови вагони се поднови Македонската железница. Модернизацијата продолжува напролет со уште 40 нови вагони. Новите инвестиции ќе донесат побрз и поевтин транспорт. Вкупните инвестиции во железничкиот сообракај тежат 281 милион евра...

Со инвестиции од 281 милион евра Македонија прави сериозен чекор во модернизација и осовременување на железничкиот сообраќај. Освен инвестициите во постојната инфраструктура на коридорот 10, се работи и на изградба на осумката. Се реконструираат железничките станици, се набавуваат нови локомотиви и вагони. Превозниот капацитет на Македонски железници- Транспорт е зголемен со ставање во употреба на новите 107 товарни вагони, а преостанатите 43 треба да пристигнат до крајот на март.

„Оваа година очекуваме да заврши и набавката на 6 нови гарнитури на патнички возови за кои веќе е склучен договорот за набавка. Тоа е уште еден капитален проект кој чини околу 25 милиони евра. Патничките возови се веќе во производство  и првиот воз треба да пористигне кон крајот на летото, а останатите ќе бидат испорачани до крајот на оваа година“, изјави премиерот Никога Груевски.

Вкупната инвестиција во набавка на нови товарни вагони, патнички гарнитури и влечни капацитети изнесува 50 милиони евра. Македонски железници стануваат поконкурентни  и ќе можат да ги задоволат растечките потреби за транспорт на домашните и на странските компании.

„Купувањето нови товарни вагони беше едно од барањата на бизнис заедницата, на стопанските комори и ова е начин како Владата работи со бизнис заедницата во текот на овие 9 години“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Новите вагони овозможуваат нудење нови услуги на компаниите, брз и сигурен транспорт на стоките и ќе ги подобрат перформансите на Македонски железници. 

„Оваа инвестиција е уште позначајна земајќи ги во предвид најавите за зголемен транспорт на стоки по Коридорот 10 од страна на кинеските власти“, изјави Миле Јанакиески, министер за транспорти и врски.

Сите набавени товарни вагони вредни 13,2 милиони евра поседуваат сертификат за интероперабилност , согласно најстрогите европски критериуми и стандарди. Плато вагоните овозможуваат  превоз на контејнери, а отворените превоз на стоки во рефус.

 

Свето Николовски