Mакедонски лекари ќе се обучуваат во реномираната индиска групација болници „Аполо“

03.03.2015 16:53

Владата објави повик до лекарите да се пријават за обука во Индија. Првата група заминува идниот месец во некоја од болниците на најголемата здравствена групација Аполо. Преку проектот за размена на медицински кадар и обука во странство, досега се испратени над 1.000 лекари...

Македонски лекари ќе се обучуваат за најновите методи и техники во медицината во реномирана индиска групација на болници Аполо. Потпишан е договор за соработка.

„Реформите што ги прави владата во целиот систем, вклучително и здравствената заштита, дозволува да се има платформа да се прошируваме и растеме заедно. Се радуваме што продолжуваме да работиме и овозможуваме здравствена заштита низ целиот свет“, изјави Ени Мари Монкури- финансиски директор на Аполо болниците.

Првата група од инфектолози, дерматолози, онколог, анестезиолог и доктор по физикална медицина на обука во индија ќе заминат следниот месец. Втората по завршување на летниот период. Таму ќе престојуваат од два до три месеци.

Процедурите за соработка со овие болници започнаа при посетата на премиерот Груевски во јануари годинава.

„Нивните болници имаат највисоки достигнувања и соработка со најпознатите болници во светот во областа на медицината и во различни области кои се поврзани со роботиката во медицината“, изјави премиерот Никола Груевски.

Аполо групацијата е најголемиот медицински центар во Индија. Поседува 50 болници, а опслужува околу 1.500 пациенти дневно. Лидер е во хирургијата и трансплантацијата.

„Ова е добра можност за стекнување напредни знаења и затоа ги повикуваме сите заинтересирани доктори да се јават во министерството за здравство со свои апликации и да се стекнат со можноста да бидат селектирани и да бидат дел од групата која ќе биде обучена“, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Преку проектот за размена на медицински кадар и обука во странство, досега се испратени над 1.000 лекари.

 

Александра Перевска