Растат даноците за побогатите американци: САД со буџет од 4 трилиони долари во 2016-та

04.03.2015 10:17

САД ќе потрошат 4 трилиони американски долари во 2016-та година. Ново предложениот американски буџет за идната година предвидува зголемување на даноците за американските компании во странство и за побогатите Американци, но намалување на мерките за штедење на федералните агенции и во образованието...

По закрепнувањето на американската економија минатата година, администрацијата во Белата куќа предложи развоен буџет кој не предвидува мерки на штедење, туку зголемување на даноците за побогатите Американци. Американските компании коишто вложиле во бизнис во странство ќе плаќаат поголем данок од 14 проценти од заработувачката. Приоритети на американската администрација е завршување на преговорите за слободна трговија со земјите од Пацификот и со Европската Унија. На прашање дали покрај земјите членки на Унијата ќе бидат вклучени и земјите кандидатки, потсекретарот за економски раст во Стејт Департментот, Кетрин Новели одговори:

„Мислам дека е рано да се каже како ќе дејствуваме. Но имајќи во предвид за што се преговара за Договорот за слободна трговија со ЕУ, мораме прво да се фокусираме на тоа, пред да мислиме што потоа и дали некои држави ќе бидат следни. Тоа едноставно не беше дел од преговорите кога ги започнавме, но тоа не значи дека не може да стане дел од нив кога ќе ги завршиме“, изјави Новели.

Пентагон ќе добие поголем буџет, а се зголемуваат и финансиите за бесплатните факултети, детските додатоци и детските градинки. Иако буџетот треба да ги намали даноците за средната класа Американци, сепак дел од нив сепак ќе плаќаат повисок данок идната година. Поради несогласувањата меѓу американскиот претседател и Конгресот околу легализацијата на 4,5 милиони илегалци во Америка, се доведува во прашање буџетот на најголемата безбедносна агенција Хоумленд Секјурити.

Предложениот буџет за 2016-та година од страна на американскиот претседател Барак Обама до Конгресот изнесува 4 трилиони американски долари.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ